Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори и Институтот за стандардизација на Република Македонија денеска ги претставија најновите стандарди подготвени од страна на овој институт во согласност со измените на Законот за градежни материјали. „Новите стандарди што ги налага ЕУ, како еврокодовите, се чекор напред во подигнување на квалитетот на техничката регулатива за овој значаен сектор“ изјави Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора на Македонија.
Директорот на Институтот за стандардизација Џевад Кицара говореше за техничките комитети кои се секторски групирани и кои ги извршуваат стручните работи во областа на стандардизацијата во рамките на Институтот. Соња Черепналковска, раководител за стандардизација во рамките на овој институт, посочи дека во градежништвото постојат околу 2.000 европски стандарди кои се прифатени како македонски национални стандарди, класифицирани според групацијата на производи.
„Институтот има усвоено и изворни македонски стандарди. Тоа се стандарди во области каде нема прифатено европски и меѓународни стандарди. Дел од стандардите за градежни производи се усогласени и претставуваат техничка поткрепа на Законот за градежни производи, закон кој е донесен во 2015 година, а кој со најновите измени е со задолжителна примена од 30 септември 2018 година“ изјави Соња Черепналковска.