Општина Аеродром распиша јавен повик за изработка на проектна документација за изведба на 4 нови паркови, кои во наредниот период ќе се градат на повеќе различни локации. Како што информираат општинските власти, предвидено е три од парковите да се подигнат во населбата Стар Аеродром. Еден од нив ќе биде лоциран во должина на улицата „Методија Шаторов Шарло“ на површина од 3.200 метри квадратни, вториот покрај улицата „Новопроектирана 1“ на површина од 4.600 метри квадратни, додека третиот ќе се подигне кај крстосницата меѓу улиците „Пандил Шишков“ и „Фрањо Клуз“ на површина од 1.000 метри квадратни.
Четвртиот парк на територијата на општина Аеродром ќе има површина од 2.500 метри квадратни и ќе се гради меѓу зградите во Индустриската зона УЕБ, кои се протегаат покрај булеварот „Трета Македонска бригада“. Воедно, од општина Аеродром информираат дека во најскоро време треба да почне и подигнување на нов парк во населбата Мичурин.