Наместо првично предвидените 411 милиони евра, изградбата на недовршениот автопат Кичево – Охрид ќе чини 598 милиони евра. Македонската влада денеска дека го усвои третиот анекс на договорот за изградбата на автопатот долг 57 километри, со кој се изнајдени решенија за сите проблеми со овој проект што беа наследени од претходната влада. По едногодишниот процес на преговори со кинескиот изведувач „Синохидро“, договорен е вкупен износ од 187 милиони евра за изведба на дополнителни и непредвидени работи што ќе треба да се реализираат на автопатот Кичево – Охрид.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев нагласи дека долготрајните преговори со Кинезите довеле до намалување на првичната сума што била побарана од нивна страна, а која изнесувала 282 милиони евра. Со намалувањето на цените, владата успеала да заштеди 95 милиони евра. Државата нема да може да ги обезбеди предвидените 187 милиони евра од државниот буџет, па така владата ќе мора да аплицира со ново барање за кредит до кинеската Ексим банка.
Министерот за финансии Драган Тевдовски објасни дека најпрво ќе мора да се усвои третиот анекс кон договорот за автопатот Кичево – Охрид, потоа да се аплицира за нов кредит до кинеската банка, по што Собранието со закон ќе треба да го одобри дополнителното кредитно задолжување.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески детално ги објасни сегментите на кои ќе се потрошат дополнителните 187 милиони евра. Кинескиот изведувач „Синохидро“ би изградил 9 клучки на автопатот и алтернативен пат од Пресека до Арбиново. Воедно, со парите ќе се покријат сите дополнителни работи во тунелот Пресека, којшто во моментов е главен проблем при реализацијата на целиот проект. Дополнителните градежни работи вклучуваат изведба на пропусти за вода долж целата траса, ископи за стабилизација на косините и санација на појавените свлечишта.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев нагласи дека владата ги разгледала сите опции околу овој проект, по што ја донела одлуката за продолжување на изградбата на автопатот. „Имавме две можности, едната да се прекине изградбата, со што ќе бевме приморани да ги вратиме средствата кои веќе беа потрошени за проектот, да останеме без автопат, како и да платиме сериозни пенали поради лошиот проект кој беше усвоен од претходната влада. Втората можност беше да се продолжи со изградбата на автопатот, но претходно да се доведе во технички и финансиски исправна состојба“ изјави вицепремиерот Анѓушев.
Автопатот Кичево – Охрид започна да се гради во февруари 2014 година. По повеќе од четири години од почетокот на градежните работи, завршени се нешто помалку од половина од првично предвидени изведбени активности. Рокот за изградба на оваа автопатска делница од Коридорот 8 е јуни 2021 година.
» Форумска дискусија за овој проект