Претходна статија
Со средства од САД ќе се санира Чифте амамот во скопската чаршија
Следна статија
Уставен суд ја одби претставката, зградата кај Мајчин дом во Аеродром ќе се гради

Идните депонии во четири региони ќе се даваат под концесија

Објавено на 31.10.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Централната власт би можела да ја води постапката за спроведување на јавно – приватно партнерство за изградба на регионалните депонии во Југозападниот, Пелагонискиот, Вардарскиот и Југоисточниот плански регион. Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата за обезбедување на финансиски средства за изработка на тендерска документација за издавање на управувањето на четирите идни регионални депонии под концесија.

 

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес – конференција појасни дека отпочнал процесот за изградба на регионални депонии за управување со отпадот низ целата земја. „За Источниот и за Североисточниот регион веќе се обезбедени средства преку ИПА фондовите за реализација на оваа планирана инвестиција. За Полошкиот регион, исто така, веќе е започната постапката за изработка на техничка документација со помош на швајцарската влада“ изјави портпаролот Бошњаковски. За овој регион ќе се примени методот за регионално управување со комунален отпад под концесија.

 

Останатите македонски општини од четирите региони донеле одлука за предавање на обврската за распишување на повик за избор на концесионер на македонската влада. Тоа значи дека централната власт ќе ја спроведе целокупната постапка за избор на приватен партнер што ќе управува со регионалните депонии во Југозападниот, Пелагонискиот, Вардарскиот и Југоисточниот плански регион. Од владата потенцираат дека постои проблем со општините Росоман и Дебарца, коишто ја немаат донесено одлуката за предавање на обврската за избор на концесионер од страна на владата.

 

Токму овие две општини имаат локации на кои е предвидено да се градат регионалните депонии во Вардарскиот и во Југозападниот плански регион, така што владата планира во наредниот период да ги убеди општинарите дека избраните локации се најсоодветни за изградба на овие регионални депонии. „Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да ја продолжи постапката за информирање на општините Росоман и Дебарца за позитивните ефекти од изградба на регионалните центри на нивната територија“ соопштуваат од македонската влада.