Турската компанија „Серка Таахут“ интензивно работи на изградбата на хидросистемот „Конско“ кај Гевгелија. Како што информираат од владината прес-служба, во оваа фаза од градежните активности веќе се ставени во функција градилишната населба, амбуланта и теренската лабораторија. Комплетирана е дробилицата за камен, а се работи на изградба на контролна галерија и на преливниот објект.
„Во делот на контролната галерија, извршено е бетонирање на долниот дел на почетната кампада, извршено е бетонирање на долен дел и поставени се цевки за инектирање на цела десна страна, и започнато е бетонирање на почетните кампади на лева страна. Во напредна фаза се и градежните работи на преливниот објект, односно завршена е изведба на широк ископ, бетониран е долниот дел на собирниот канал и започната е изработка на брзотокот“ информираат од владата.
Изградбата на хидросистемот „Конско“ започна кон крајот на јули годинава. Проектот вреден 40 милиони евра опфаќа изградба на брана висока 78,5 метри и долга 331 метри. Со изградбата на трите потсистеми на оваа брана ќе се наводнуваат околу 8.000 хектари плодно обработливо земјиште во регионот на Гевгелија. Освен за наводнување, идната акумулација ќе се користи за производство на електрична енергија, за обезбедување вода за Дојранското езеро, за обезбедување вода за пиење на околните населени места и за збогатување на туристичката понуда на Гевгелија.
*Извор на фотографии: Влада на Р.М.
Браната „Конско“ се наоѓа веднаш под излетничко-рекреативниот локалитет Смрдлива вода на Кожув и ќе се протега на околу 8,5 километри низводно, а ќе биде оддалечена од Гевгелија околу 20 километри.