Претходна статија
Пад од 15% кај пазарот на недвижности во третиот квартал
Следна статија
Со кредит од ЕИБ ќе се менуваат водомерите во скопски Карпош

ОСВРТ: Изложбено сеќавање за она што останало од модернистичката архитектура во Косово

Објавено на 25.10.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Музејот на град Скопје и македонскиот главен град деновиве беа домаќини на изложбата „Косовски модернизам – архитектонски буквар“ на искусните косовски архитекти Илир Ѓиноли и Лулзим Кабаши. Пред скопската јавност беа претставени десетина архитектонски дела издигнати во втората половина на XX  век во Косово, коишто се одвојуваат по својата визуелна маркантност и архитектонска вредност. Самите автори на изложбата ќе наведат: „Ги одбравме оние проекти за коишто сметаме дека се поставени како парадигма на времето кога се создадени, и коишто истовремено претставуваат и емоционално архитектонско достигнување“.

 

 

Уште на самиот почеток на овој осврт, треба да забележиме дека споменатата изложба е претставена пред македонската јавност со големо задоцнување. Книгата и изложбата со идентитен наслов се подготвени во декември 2015 година, а некои од поранешните југословенски метрополи веќе успеаја да ја видат изложбената поставка пред неколку години. Па така, идентичната изложба пред публиката во Загреб била поставена во април 2016 година, што укажува на фактот дека македонските институции можеби и порано требало да се заинтересираат за претставување на оваа изложба пред овдешната јавност. Вториот недостаток што можеше да се забележи од секој посетител на изложбата е непостоењето можност да се купи книгата „Косовски модернизам – архитектонски буквар“ за време на целокупното траење на самата изложба во Музејот на град Скопје.

 

Наспроти ваквите слаби страни, се чини дека изложбата на авторите Илир Ѓиноли и Лулзим Кабаши пристигнува во вистинското време во Скопје. Македонскиот главен град во изминативе месеци стихијно се бори пред уште еден налет на рушење на сопственото модернистичко наследство. Во ерата на пост-Скопје 2014, речиси без никакви реакции на Управата за заштита на културното наследство, на Министерството за култура и на локалните власти мина спроведеното рушење на стоковната куќа „Беко“ на архитектката Мимоза Несторова-Томиќ и најавеното рушење на Скопскиот саем на архитектите Благоја Мицевски, Славко Гуриќ, Димитар Димитров и Живко Гелевски. Модернистичкото наследство во Скопје останува подеднакво загрозено и во периодот по стопирањето на проектот „Скопје 2014“, што не доведува до повторно поставување на прашањето за тоа кога ќе се направи стручна валоризација на модернистичкото архитектонско културно наследство и ќе се впишат дел од овие загрозени објекти во Националниот регистар на културно наследство од страна на Управата за заштита на културното наследство.

 

*Стоковната куќа „Беко“ срушена до темел

 

Токму поради овие причини, изложбата „Косовски модернизам – архитектонски буквар“ е можеби пристигната во нашиот град со повод. Нејзината актуелност може да се огледа во фактот што ваквите стручни изложби и публикации треба да водат кон актуелизирање на прашањето за тоа до каде е стигната процедурата за заштита на модернистичкото архитектонско наследство во Македонија. Секој еден нов настан од ваков тип треба посилно да го вклучува алармот кај македонската стручна јавност во однос на тоа што ќе се случува со вредните архитектонски зданија што ни се оставени како наследство од втората половина на XX век.

 

Се чини дека македонските институции ќе треба да учат од соседно Косово во однос на заштитата на модернистичките објекти што е веќе направена во изминативе неколку години. Во Регистарот на културно наследство на Косово веќе неколку години по ред е впишан објектот на Националната и универзитетска библиотека лоцирана во центарот на Приштина. Проектот на хрватскиот архитект Андрија Мутњаковиќ е вреднуван како архитектонско наследство и е ставен под привремена заштита уште од 2013 година.

 

Требаше да поминат повеќе од пет години за да се вклучи нов објект на оваа листа – некогашната стоковна куќа „Ѓермија“ на архитектот Александар Пасевски. Модернистичкото здание од центарот на Приштина е впишано на листата на културно наследство под привремена заштита на 10 октомври 2018 година, пишува списанието „Косово 2.0“. Оваа делумно добиена битка на Меѓународниот комитет за документирање и конзервација на Модерното движење ДоКоМоМо беше постигната преку лансирањето на он-лајн петиција што треба да го спречи уривањето на објектот „Ѓермија“, на чие место би се градела првата концертна сала во Приштина.

 

 

Земајќи го предвид фактот дека двата привремено заштитени објекта се вклучени во изложбата „Косовски модернизам – архитектонски буквар“, се чини дека нејзините автори Илир Ѓиноли и Лулзим Кабаши го направиле вистинскиот избор при вредносната селекција на модернистичките објекти што ќе бидат вклучени во изложбената поставка. Меѓу останатите зданија вклучени во изложбата вреди да се споменат и Спортско-рекреативниот центар „Боро и Рамиз“ (Приштина), Домот на печатот „Риљиндја“ (Приштина), Хотелот „Гранд“ (Приштина), Хотелот „Трофта“ (Исток), Домот на културата „Боро и Рамиз“ (Приштина), Институтот за албанологија (Приштина) и некогашниот филмски центар „Косовафилм“ (Приштина).

 

 

Авторите на изложбената поставка посветуваат значајно внимание во следењето на оригиналниот израз и мотивација на архитектите, опишувајќи ја нивната замисла при создавањето на секое одделно авторско дело. Истовремено, архитектите Илир Ѓиноли и Лулзим Кабаши преку изложените материјали ги враќаат посетителите во суровата реалност на денешнината со давањето информации и стручен коментар за сегашната судбина на овие модернистички зданија во Косово.

 

Во првиот случај, би можело да се издвои авторскиот опис на некогашната Стоковна куќа „Ѓермија“ во Приштина (автор на проект: Александар Пасевски): „Перфорираните парчиња метал на фасадата даваат на објектот идентитет кој се одвојува од останатото опкружување. Стаклената фасада на приземниот кат овозможува интеракција помеѓу објектот и посетителите. Таа го поддржува движењето и интеракцијата на пешаците на плоштадот и булеварот.“

 

Во вториот случај, двајцата автори на изложбата со право го коментираат обезличувањето на дел од најзначајните репрезенти на Модерната во Косово. За Домот на печатот „Риљиндја“ (автор на проект: Георги Константиновски), авторите Ѓиноли и Кабаши ќе напишат: „Интервенциите во Домот на печатот „РИЉИНДЈА“, да се смести Владата на Косово, избришале еден значаен историски период на архитектурата од тоа време, и покрај фактот што организацијата на просториите на овој објект, овозможиле објектот успешно да се адаптира кон новата функција за потребите на државната администрација“.

 

Коментарите на авторите на изложбата за несоодветниот однос кон косовскиот модернизам не отсуствуваат и при описот на други објекти, меѓу кои е и: Хотелот „Гранд“ (Приштина) и Хотелот „Трофта“ (Исток). Притоа, Илир Ѓиноли и Лулзим Кабаши преку изложбата сакаат да нагласат дека главен проблем на косовското општество денес е несоодветната реконструкција и надградба на овие градби, со коишто се уништуваат суштински сегменти од зградите што зрачат со безвременска вредност. Доколку не се реконструирани, тогаш овие објекти на Модерната се најчесто оставени на забот на времето. Во некои случаи, се бара нивно уривање за да се изгради некое друго, помасивно здание.

 

 

Важна поента во рамките на изложбата „Косовски модернизам – архитектонски буквар“ е и средбата на посетителот со мноштвото автори од различни краеви на Југославија, меѓу кои би ги издвоиле: Јурај Неидхардт, Башким Фехмиу, Георги Константиновски, Андрија Мутњаковиќ, Глигорие Савовиќ, Миша Јевремовиќ, Драган Ковачевиќ, Ќемајљ Беќири, Љерка Лулиќ, Јасна Носсо, Динко Златариќ, Сали Спахиу… Творците на изложбата се обидуваат да го нагласат присуството на отвореност кај косовските власти од југословенскиот период за прифаќање на архитекти од сите краеви на федерацијата при обликувањето на архитектонскиот пејсаж на косовските градови.

 

Изложбата „Косовски модернизам – архитектонски буквар“ прави еден важен чекор напред кон создавањето на севкупна основа за заштита на архитектонското наследство од втората половина на XX век во Косово. Ваквиот начин на размислување треба да му стави крај на досегашната девиза присутна во тамошното општество – „да се уништи старото, за да се изгради ново“. Токму под плаштот на оваа девиза беше издигнат значаен дел од модернистичките објекти во Приштина во периодот по 50-тите години на XX век. Со ваквото мото продолжи изградбата на Косово и по 1999 година, кога одредени делови на косовскиот главен град беа презаситени со нови објекти без минимално почитување на основните урбанистички стандарди.

 

Оттука, би можело да се констатира дека авторите Илир Ѓиноли и Лулзим Кабаши со поставената изложба во Музејот на град Скопје сакале да потенцираат дека ургентно е потребно да се насочиме кон заштита на вредното архитектонско наследство на Модерната, напуштајќи го континуираниот дисконтинуитет при оформувањето на градскиот пејсаж. Прикажувањето на нивната поставка во македонскиот главен град е повеќе од симболичка – македонското општество се соочува со идентичниот проблем на косовското општество. Траумите на Скопје и на Приштина се многу слични, па оттука отсјајот на косовскиот пример во огледалото на критиката може да има полезно, отрезнувачко будење на надлежните институции од Македонија за отпочнување на процесот на заштита на модернистичкото архитектонско наследство во нашата земја.

 

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk