Општина Охрид се одлучи да распише оглас за изработка на физибилити студија што ќе ја утврди оправданоста за изградба на катна гаража во централното градско подрачје. „Целта на оваа студија е да се утврди дали општина Охрид ќе има повеќе придобивки доколку сама го реализира проектот или Општината влезе/воспостави јавно – приватно партнерство“ се наведува во објавениот оглас. Катната гаража би се градела зад градскиот пазар и би имала приземје и пет ката, со максимална површина на објектот од 6.785 метри квадратни.
Покрај тоа што ќе треба да го покаже начинот на финансирање на катната гаража, идната физибилити студија е предвидено да ги опфати и останатите предизвици, меѓу кои е фактот дека идниот објект ќе се наоѓа во заштитено подрачје што претставува дел од споменична целина. Изработката на физибилити студијата е предвидено да чини околу 150.000 денари, додека времетраењето на договорот потпишан со идниот консултант ќе биде 12 месеци. Заинтересираните консултантски куќи имаат рок до 1 ноември за да ги достават понудите за учество во тендерската постапка.