Македонскиот невладин сектор за прв пат во земјава ја промовира идејата за реобмислување на напуштените индустриски објекти во урбаните средини. Здружението на граѓани „Културно ехо“ од Скопје на 21 октомври, со почеток од 12 часот, организира целодневен настан за запознавање на граѓаните на Скопје за можностите за развој што ги нуди напуштениот објект „Купром“ во населбата Хром. За време на настанот ќе бидат претставени магистерски трудови на архитекти околу можноста за идно искористување на потенцијалот што го нуди овој објект, а ќе се одржи и презентација на проектот „Напуштени можности“.
Настанот ќе вклучи музичка програма, проекција на видеа и спотови направени во „Купром“ и дебата со публика, на која ќе се вклучат и јавни личности. Организаторите сакаат да посочат дека на локацијата на „Купром“ е недозволиво да се градат објекти за домување. За темелно чистење на просторот од тешките метали ќе бидат потребни милиони евра, па поаѓајќи од ваквата состојба се родила идејата за организирање настан на кој ќе бидат претставени можностите за развој на овој напуштен објект.
Македонија е една од ретките земји во Европа што не пронашла опција за реобмислување на напуштените индустриски објекти во градовите. Неискористеноста произлегува од непостоењето интерес на културната јавност и невладиниот сектор од преземање на овие објекти по пат на сквотирање во функција на нивно активирање за општествен развој. Во други комерцијални случаи, самите напуштени индустриски објекти се пренаменуваат од сопствениците во угостителски објекти, изложбени продажни простории и ноќни клубови што го привлекуваат вниманието на граѓаните.