Раководителите на деловните субјекти од градежниот сектор во земјава имаат негативна оценка за развојот на македонското градежништво во третиот квартал од годинава. Според извештајот на Државниот завод за статистика, индикаторот на доверба кај нив опаднал за 0.2 процентни поени во однос на второто тримесечје од 2018 година, додека тој е идентичен во однос на третиот квартал од 2017 година. Очекувањата за вкупните порачки за градежни работи се понеповолни во однос на претходното тримесечје. Раководителите на градежните компании очекуваат дека бројот на вработени во нивниот сектор ќе се намали во наредниот период.
Оценката за економската состојба во третото тримесечје од 2018 година е поповолна во однос на претходниот квартал од годинава и во однос на идентичниот период лани. Оценката за финансиската состојба на компаниите е идентична како и во претходниот квартал, додека сегашната состојба со порачки на нивните деловни субјекти е поповолна во однос на периодот април – јуни 2018 година.
Градежниците очекуваат во наредниот период да се зголемат продажните цени, додека бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата се над нормалата. Најголемо влијание врз ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат факторите „зголемени трошоци за материјали“ со 22,4%, „нема побарувачка“ со 20,3%, „конкуренција во сопствениот сектор“ со 13,8% и „недостиг на обучен кадар“ со 12,1%.