Македонската влада на вчерашната седница донесе одлука за пренамена на средства од програмата енергетска ефикасност и обновливи енергии во финансирање проекти од областа на наводнувањето. Пренамената на овие ставки од буџетот ќе овозможи да се одвојат 20 милиони евра во реализација на втората и третата фаза од изградбата на хидросистемот „Лисиче“ и третата фаза од изведбата на проектот „Јужновардарска долина“. Инфраструктурните зафати треба да овозможат снабдување со вода за пиење на жителите од Велес, како и да ги задоволат потребите за наводнување на земјоделските површини во Велешкиот и во Валандовскиот регион.
„Министерството за финансии треба да ја започне постапката за пренамена на средствата во вид на заем во износ од 20 милиони евра од програмата за енергетска ефикасност и обновливи енергии, III фаза, за проекти од областа на наводнувањето, а за останатите средства потребни за затворање на финансиската конструкција на овие проекти да побара развоен заем од Владата на СР Германија и банката КфВ“ се вели во соопштението на владата.