Почнувајќи од 2 октомври годинава, домашниот и меѓународен железнички сообраќај меѓу Македонија и Грција е во целосен прекин. Деформираниот армирано – бетонски мост помеѓу станиците Градско и Кукуричани во Велешкиот регион го оневозможува движењето на возовите, што предизвикува огромни штети во работењето на Македонски железници. Владата на денешната седница ја усвои информацијата за потребата од итна санација на мостот, со цел во најскоро време повторно да се пушти во сообраќај оваа фреквентна делница.
„Министерствата за финансии и за транспорт и врски се задолжени да предложат можни решенија за изнаоѓање финансиски средства потребни за санацијата на мостот. Додека Македонски железници – Инфраструктура е задолжено да започнe итна постапка за реализација на набавката – санација на армирано – бетонскиот мост на пругата Велес – Гевгелија“ се наведува во владиното соопштение за денешната седница.
Покрај прекинот на товарниот сообраќај, Македонски железници од 2 октомври ги сопре и патничките возови меѓу Велес и Гевгелија до моментот на завршување на санацијата на мостот.