Генералниот урбанистички план за град Скопје вели дека идниот Универзитетски клинички центар треба да се гради кај селото Бардовци, но на Министерството за здравство му требаа само неколку месеци за да се премисли од почитувањето на ваквата одлука на урбанистите. Од надлежното министерство преку лиферувања низ медиумите во изминатава недела во два наврати ја сменија локацијата на која ќе се гради идниот здравствен комплекс во главниот град. Најпрво беше споменато дека новата локација би била во Злокуќани, а потоа се лиферуваше и информацијата дека Универзитетскиот клинички центар ќе се гради на западниот влез во Скопје, во близина на обиколницата кај селото Кондово.
*Извор на мапа: Општина Ѓорче Петров
Освен кратките информации испорачани до конкретни медиуми, од Министерството за здравство засега не даваат детално објаснување што ќе се случува со неопходноста од менување на ГУП-от за Скопје, која што постоечка документација е со рок на важност до 2022 година. Уште повеќе, се поставува прашањето и која општина ќе го донесе Деталниот урбанистички план за идниот Универзитетски клинички центар, ако се земе во предвид дека земјиштето се наоѓа на самата територијална граница меѓу Општина Сарај и Општина Ѓорче Петров. Од друга страна, Општина Сарај во моментов има огромни проблеми со донесување на ДУП-овите за самите населени места што се наоѓаат на нејзината територија. Конечно, се поставува прашањето колкав временски период ќе биде неопходен за да се подготви целокупната урбанистичка документација.
Да се потсетиме, македонската влада кон крајот на март годинава го задолжи Архитектонскиот факултет при УКИМ за да го подготви јавниот конкурс за избор на идејно решение по кое ќе се гради новиот Универзитетски клинички центар во Скопје. И по повеќе од половина година од оваа владина одлука, до денешен ден не е распишан ветениот архитектонски конкурс.
Наместо ова, од Министерството за здравство во моментов се занимаваат со пронаоѓањето земјиште низ Скопската котлина што е во сопственост на државата. Во досегашните објави во дел од македонските медиуми, преовладува ставот дека власта ќе заштеди финансиски средства при изградбата на овој комплексен проект доколку се избере локација за која нема да е потребно плаќање на дополнителни финансии на приватните сопственици на парцелите. Токму од оваа причина е отфрлена и идејата за изградба на Универзитетскиот клинички центар кај Бардовци.
Во меѓувреме, со ребалансот на буџетот владата и официјално се одлучи да ги скрати средствата предвидени за изградба на најзначајниот здравствен комплекс во Македонија. Подигнатите средства преку кредитот од Банката за развој при Советот на Европа беше одлучено да се вратат на кредитодавателот, со што македонската влада и официјално се одлучи да трага по нов извор за финансирање на изградбата на Универзитетскиот клинички центар во Скопје.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk