Центарот за научни истражувања ХАЕМУС од Скопје организира три едукативни тури за граѓаните што имаат интерес да научат нешто повеќе за културно – историското наследство на македонската метропола. На 14 октомври ќе се одржи едукативната тура „Отоманското наследство на Скопје“, за 21 октомври е закажана турата „Палатите на старо Скопје“, додека на 28 октомври ќе се одржи турата „По стапките на древните Римјани“.
Претстојниот викенд ќе се реализира првата едукативна тура, која што ја вклучува Старата скопска чаршија, културниот комплекс „Јигит Паша“, Султан Муратовата џамија, Гази Иса Беговата џамија, Исхак Беговата џамија, Скопското кулие, Мустафа Пашината џамија и Отоманскиот период на Скопското Кале.
Сите три тури што ќе се одржат во наредните три викенди имаат за цел да го промовираат богатото културно – историско и архитектонско наследство на Македонија. Настанот се организира под мотото на УНЕСКО за Отворени Едукативни Ресурси (ОЕР), а во рамките на Европската година на културното наследство. Организирањето на едукативните тури е поддржано од Град Скопје и од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.