По неколку децении од изградбата, индустриските објекти на локалитетот Момин Поток конечно ќе добијат водоводна мрежа. Општина Карпош го потпиша договорот за изведба на подземната инфраструктура, за која што се обезбедени средства од околу 11 милиони денари. Водоводната мрежа за оваа индустриска зона ќе ја гради скопската фирма „КОНСТРУКТОР Рената“, при што времетраењето на потпишаниот договор изнесува 12 месеци. Реализацијата на овој проект ќе треба да им ги создаде неопходните услови за работа на компаниите што инвестирале во оваа индустриска зона, која што е основана во 1964 година.
Заедно со општинската инвестиција, македонската влада на одржаната 93-та седница ја усвои информацијата за поддршка на проектот за изградба на водоводна мрежа и за индустриската зона во Визбегово, која што е лоцирана на неколку стотици метри од Момин Поток. Министерството за транспорт и врски ќе треба да ја започне постапката за набавка на градежните работи за изведба на водоводот во вредност од 84.240.000 денари, коишто е предвидено да се обезбедат од буџетите за 2019 и 2020 година.
Со изведбата на двата инфраструктурни зафати ќе се реши долгогодишниот проблем на стопанствениците што инвестирале во индустриски објекти во северозападниот дел на Скопје. Водоводот во индустриската зона во Момин Поток би бил завршен во текот на наредната година, а една година потоа би се комплетирала и инфраструктурата за објектите лоцирани во Визбегово.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk