ЈП „Струмица-гас“ потпиша договор за изработка на основниот проект за проширување на секундарната дистрибутивна гасоводна мрежа во Струмица. Фирмата „Филбис“ од Скопје во наредните 12 месеци ќе ја подготвува проектната документација, со која што ќе се овозможи натамошен развој на гасоводната мрежа на територијата на оваа општина. Досега во Струмица се изградени над 35 километри од дистрибутивната гасоводна мрежа, при што општинското раководство во јуни годинава го потпиша договорот за изведба на дополнителни 14 километри.
Со подготовката на основниот проект ќе се овозможи проширување на постојните гасоводни цевки до нови домаќинства и индустриски објекти, кои не беа опфатени со досегашната гасификација, што се одвиваше првенствено во градските средини на Струмица. Изработката на основниот проект ќе го чини општинскиот буџет над 1,5 милиони денари, се наведува во објавениот договор на Електронскиот систем за јавни набавки.