Претходна статија
Конкурс за идејно решение за уредување на коритото на Оревоечка река во Прилеп
Следна статија
Трафостаницата „Дуброво“ се модернизира со 4,6 милиони евра вреден проект

Доделена наградата Energy Globe на Хабитат Македонија

Објавено на 21.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Австриската фондација Energy Globe му оддаде меѓународно признание на десетгодишниот ангажман на Хабитат Македонија во секторот енергетска ефикасност, со доделување на награда за национални достигања. Како што информираат од невладината организација, наградениот проект „Енергетски ефикасни домови за семејства со ниски приходи“ е иницијално започнат од Хабитат Македонија во 2009 година.

 

 

На свеченост на која присуствуваше вице-премиерот Кочо Анѓушев и австриска бизнис делегација која се наоѓа во посета на Македонија, наградата ја врачи трговското аташе на Амбасадата на Австрија Марлен Бургсталер. Во своето обраќање таа потенцираше дека наградата ја предава во име на фондацијата Energy Globe и на нивниот партнер – Австриската трговска комора.

 

Обраќајќи им се на присутните, вице-премиерот Анѓушев, упати честитки за наградата и истовремено потенцираше дека показателите за економскиот раст, а особено растот на индустриското производство во Македонија за последниот квартал се натпросечно високи, што влева голем оптимизам и отвора нови можности за инвестирање во енергетскиот и градежниот сектор.

 

Примајќи ја наградата, националниот директор на Хабитат Македонија Зоран Костов посочи дека главните достигања на наградениот проект вклучуваат енергетски ефикасни реконструкции на повеќе од 60 колективни станбени згради во Македонија, со преку 1.900 станови, при што се постигнати вкупни годишни енергетски заштеди од 7.910 MWh и годишни редукции на емисиите на јаглероден диоксид од 3.670 тони. Ова за македонскиот станбен фонд претставува голем инвестициски потенцијал кој се проценува на повеќе од 500 милиони евра.

 

Главната цел на Фондацијата Energy Globe, во соработка со Програмата за животна средина на Обединетите Нации (UNEP), е да укаже дека во нашиот свет постојат многу креативни луѓе кои имаат спроведено проекти со решенија за многу проблеми, всушност проекти кои го помагаат опстанокот на нашата планета. За наградата оваа година се поднесени преку 2.000 предлози од преку 180 земји. Националните победници се избрани по пат на селекција спроведена од експерти на Комитетот за евалуација на Energy Globe.