Претходна статија
Потпишан договорот за реконструкција и проширување на патот Крива Паланка - Деве Баир
Следна статија
Во „Мала станица“ отворена БИСТА 2018

Историјата на Дебар маало преточена во изложба

Објавено на 20.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Во галеријата „Акантус“ вечерва беше отворена изложбата „Урбанизмот на Дебар маало“. Поставката се отвори пред бројните посетители, првенствено, жители на оваа скопска населба, коишто можеа да се запознаат со историскиот развој на нивната населба од нејзиното формирање до денешен ден. „Населбата Дебар маало е формирана спонтано со доселување на жители од градот Дебар и селата од долно-реканскиот крај. Жителите, населбата, која не е голема, ја нарекуваат маало, а бидејќи се претежно од дебарскиот крај започнуваат да го нарекуваат Дебар маало“ се нагласува во кусиот вовед што ги пречекува посетителите на изложбата.

 

 

Во рамките на изложбената поставка се вметнати копии од урбанистичките планови за Скопје уште од турскиот период, од крајот од XIX век, со авторска интервенција на планот што го означува просторот на којшто се развива Дебар маало. Посетителите на изложбата можат да се запознаат и со актуелните ДУП-ови што ги опфаќаат границите во чии рамки се протега оваа скопска населба денес. Низ историската прошетка што го раскажува развојот на ова маало се прикажани и фотографии на некои од најзначајните станбени куќи и останати објекти изградени во периодот на развој на населбата во дваесеттиот век.

 

 

Покрај тоа што има за цел да ги потсети жителите на Дебар маало за целокупниот развој на нивниот хабитат, изложбата се обидува да дејствува активистички, односно на општествено ангажиран начин да предочи за можните идни интервенции во просторот што во значителна мерка би ги подобриле условите за живот во населбата. Интерактивноста со посетителите е воспоставена и преку можноста да се остави коментар или да се даде предлог за натамошен развој на маалото од секој еден поединец – посетител на изложбата.

 

 

Изложбата „Урбанизмот на Дебар маало“ ќе биде отворена за сите заинтересирани граѓани до 4 октомври, а треба да се напомене дека влезот е бесплатен. Проектот е реализиран со поддршка на Град Скопје. Подготовката на изложбата ја помогнаа Мимоза Несторова-Томиќ, Дивна Пенчиќ, Јулијана Ристовска, Томислан Османли, Теофил Николовски, Ѓорѓи Мојсов, Сандра Мојсова, Марина Лешкова, Мики Петковски и Ирина Тодорова.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk