Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска оствари посета на индустриската зона Визбегово за да го најави почетокот на изградбата на водоводна и канализациона мрежа на оваа локација, оддалечена само неколку километри од центарот на Скопје. Надлежното министерство веќе ја изработило неопходната проектна документација и во најбрз можен рок ќе го распише огласот за избор на изведувач што ќе го гради водоводот и канализацијата во индустриската зона Визбегово.
*Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски
Претстојниот проект е во вредност од 8,6 милиони евра, од кои 1,6 милиони евра се наменети за изградба на водовод и 7 милиони евра ќе се одвојат за изведба на канализационата мрежа. Проектот ќе се реализира со средства од буџетот на ова министерство. „Она што е најважно е дека со ова ќе ги исполниме барањата на компаниите коишто работат во оваа зона, а од друга страна ќе создадеме услови да привлечеме што повеќе домашни и странски инвестиции во општина Бутел“ изјави министерот Сугарески.
Целокупната постапка за избор на изведувач би требало да се заврши во текот на претстојнава есен, по што ќе започне изградбата на водоводната и канализационата мрежа во неколку фази.