Македонија и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска го потпишаа договорот за реконструкција и проширување на 13 километри долгиот магистрален пат од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Со кредитот од ЕБОР се обезбедени 10 милиони евра за реализација на градежниот зафат. „Оваа делница е дел од проектот кој треба да го поврзе Црното море со Јадранско море. Овој пат е од особена важност за македонската економија“ изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.
На денешното потпишување на договорот присуствуваа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на тимот за транспорт на ЕБОР Су Барет и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов. Директорот Китанов напомена дека е завршена целосната документација од аспект на безбедност на патишта и заштита на животната средина. Се подготвува документацијата за одобрението за градење, по што ќе може веднаш да се стартува со градење.
„Целата идеја е заедно со експресните патишта до границата со Бугарија да направиме една целина. Постоечкиот пат ќе се реконструира целосно. Ќе се прошири секаде каде што може сo трета лента на постоечките. Ќе се реконструираат три, а ќе се изградат нови четири моста, односно ќе се направи убав пат кој ќе биде целина од граничниот премин до Ранковце“ изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.