Вчера во Маврови Анови беше одржана јавна дебата посветена на претстојната изградба на акумулацијата „Луково Поле“ и хидроелектраната „Црн Камен“, на која беа разгледани потенцијалните ефекти врз околината од реализацијата на проектот и активностите кои треба да се преземат во периодот што следува. Од ЕЛЕМ уверуваат дека сите издржани забелешки ќе бидат прифатени.
Акумулацијата „Луково Поле“ се наоѓа во северозападниот дел на Македонија на границата на шарпланинскиот и корабскиот масив, на територијата на Националниот парк Маврово. Браната „Луково Поле“ е камено-насипна брана со централно глинено јадро. Ќе биде висока 71 метар со должина на круната од 321 метри и ќе овозможува акумулација со вкупна запремнина од 39 милиони метри кубни вода. Дел од проектот ќе биде и доводен канал „Корабски Води“, со должина од околу 20 километри. Преку него во акумулацијата годишно ќе се влеваат околу 44,5 милиони метри кубни вода.
Малата хидроелектрана „Црн Камен“ ќе биде лоцирана 3 до 4 километри под браната и ќе биде со инсталирана моќност од 5 мегавати. Главна придобивка од „Луково Поле“ ќе биде тоа што водата потоа енергетски ќе се искористува и во мавровскиот систем на хидроелектрани, со што вкупниот учинок би бил околу 160 гигават часови годишно. Мавровскиот систем во сегашната состојба генерира околу 445 гигават часови годишно, што претставува над 40% од целокупното производство на хидроелектраните во државава.
Целиот зафат ќе чини над 60 милиони евра, од кои 53 треба да бидат обезбедени преку кредит од Светската банка, а 9 милиони евра треба да бидат сопствени средства на ЕЛЕМ. Периодот на изградба се предвидува да трае четири години.