Споменик на Браќата Миладиновци ќе биде централното обележје на Мостот на уметноста. Вака одлучи надлежната Комисија на Општина Центар, избирајќи помеѓу 55 доставени предлози од 24 автори, за вкупно 29 споменици. Според конкурсот, уметниците имаа слобода во изборот на личностите.
Покрај Браќата Миладиновци, на преостанатите 28 предвидени места за обележја по должината на мостот ќе бидат поставени споменици на: Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Димитар Кондовски, Петар Мазев, Григор Прличев, Стале Попов, Крсте Петков Мисирков, Кочо Рацин, Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Васил Иљоски, Ванчо Николески, Живко Чинго, Војдан Чернодрински, Димитар Пандилов, Никола Вапцаров, Неџати Зекирија, Муртеза Пеза, Адем Гајтани, Ристо Шишков, Петре Прличко, Властимир Николовски, Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски, Стефан Гајдов и на Тоше Проески. Централниот споменик ќе биде висок три метри, а преостанатите ќе бидат распоредени по 14 од секоја страна и ќе бидат високи по два метри.
Мостот ќе се протега помеѓу Градскиот трговски центар и идната зграда на Обвинителството и Финансиската полиција, а ќе се гради според второнаграденото идејното решение на архитектите Коста и Викторија Мангаровски. На конкурсот немаше првонаграден труд, додека третата награда им припадна на Иван Мирковски, Бојана Димитровска, Александар Петров, Нена Џутеска и Иван Павловиќ од „СтудиоКолектив“. Конкурсната комисија исто така откупи уште два труда. Во октомври минатата година Општина Центар распиша конкурс за избор на фирма што ќе го гради мостот. Од општината најавуваат дека изградбата на мостот ќе започне во текот на оваа година.
Форумска дискусија за овој проект » овде