Тетовската општина Теарце го објави огласот за продажба на државно неизградено земјиште за изградба на фотоволтаични централи во близина на селото Нераште. Станува збор за две локации за градење со површина од 55.522 и 13.742 метри квадратни што им се нудат за продажба на заинтересираните инвеститори. Почетната цена на огласеното земјиште изнесува 130 денари за метар квадратен. Пријавите за учество на електронското јавно наддавање може да се достават до 21 октомври, додека електронската лицитација е закажана за 23 октомври.
Доколку се продадат двете огласени парцели, тогаш идните инвеститори ќе имаат рок од 12 месеци за да обезбедат одобрение за градење од општина Теарце за изградба на планираните енергетски капацитети за искористување на сончевата енергија. Локалните власти очекуваат дека од продажбата на земјиштето ќе инкасираат минимум 9 милиони денари.