Со финансиски средства од Европската Унија преку програмата за намалување на штетите од поплавите од 2015 година, во општина Свети Николе се реализирани два проекта преку Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Со средства во износ од околу 340.000 евра, извршена е санација на браната „Мавровица“. Вториот проект опфати изградба на мост на светиниколска река во населбата „Ливади“, за што беа обезбедени средства од околу 250.000 евра. Станува збор за неповратни средства обезбедени од ЕУ, кои нема да треба да се враќаат од македонскиот буџет.
*Извор на фотографија: Влада на Р.М.
Браната „Мавровица“ и светиниколскиот мост беа оштетени во текот на поплавите што ја погодија Македонија во 2015 година. Преку оваа финансирана програма на ЕУ во изминативе години се инвестирани 10 милиони евра во транспортната и водостопанската инфраструктура во Свети Николе, но и во општините Чешиново – Облешево, Зрновци, Делчево, Пробиштип, Новаци и Могила.