Нов здравствен дом изграден по највисоки светски стандарди ќе добие Охрид. Ова беше истакнато на вчерашната трибина што се одржа во овој град, на која присуствуваа охридскиот градоначалник Јован Стојаноски и министерот за здравство Венко Филипче. Здравствениот објект ќе се биде лоциран во рамките на охридската Општа болница, а изработувачи на проектот се професорите Зорица Блажевска и Саша Тасиќ од Архитектонскиот факултет од Скопје.
*Извор на фотографија: Општина Охрид
Објектот ќе биде составен од две блоковски структури, приземје и кат и приземје и два ката, од каде што излегува мала административна кула, потенцираше професорката Зорица Блажевска. „Во новиот современ здравствен дом ќе бидат сместени службата за итна медицинска помош, педијатри, примање инфузии, лабораторија, диспанзер за деца од предшколска и школска возраст, трудова медицина, служба за рендген, патронажна служба, како и концесионери стоматолози и детска стоматологија“ изјави професорката Блажевска.
Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека финансии за изградба на новиот Здравствен дом во Охрид ќе се издвојат во 2019 година. Тој додаде дека целта на овој проект е да се обезбеди интегрирана услуга за пациентите, што ќе биде лоцирана на едно место.