Општина Гостивар повторно го воведува зонското паркирање во градот. Денеска беше потпишан договорот за јавно-приватно партнерство, со кој од наредната година за прв пат во Македонија ќе се воведе смарт-систем за зонско паркирање. Локалните власти за најповолен понудувач на неодамнешниот тендер ја избраа фирмата „Електро Софт Инженеринг“. Дури 90 отсто од остварените приходи од зонското паркирање ќе бидат наменети за општинските власти, додека преостанатите средства ќе му припаднат на приватниот партнер. Зонското паркирање треба да почне со работа во рок од две недели.
„Новитет ќе биде воведувањето на сензори и светлосна сигнализација со што возачите ќе можат да се информираат во секое време, каде има слободно паркинг-место, така што не ќе треба да талкаат по улиците за да најдат паркинг“ изјави гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари. Целокупниот проект ќе се спроведе во три фази. По воведувањето на проектот во функција, во втората фаза ќе бидат пуштени во употреба два затворени паркинга, додека наредната година ќе започне примената на сензорите. Цените на услугите за зонско паркирање ќе останат идентични како и претходно.