Како поддршка на градежниот сектор, а во насока на градење на капацитетите на вработените во градежниот сектор за имплементирање на параметрите за енергетска ефикасност во градбите започна со реализација проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ (ТРАИНЕЕ) кој се реализира во рамките на европската програма „Хоризонт 2020“.
„Еден сегмент на дејствување е кон натамошно подобрување на вештините на градежните работници за градење енергетски ефикасни објекти преку обука и преквалификации, со цел да се постигнат параметрите на ЕУ „Стратегијата 2020“ за енергетска ефикасност“ изјави Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанската комора на Македонија.
За да се зголеми бројот на енергетски ефикасни згради во земјава, неопходно е да се има обучена работна сила на пазарот на трудот. Со проектот ќе се спроведе препознавање на вештините што ги имаат работниците, техничарите и инженерите преку нивно сертифицирање, а ќе се одржат и акредитирани обуки. Станува збор за околу 10 занимања што ќе бидат опфатени со претстојните обуки. Во рамките на проектот низ овие обуки ќе поминат околу 500 професионалци, и тоа 150 техничари, 80 градежни инженери, 20 проектанти на фотоволтаични системи и сончеви топлински колектори и 250 работници.
Со претстојниот проект ќе се организираат 35 сесии за препознавање на знаења и вештини каде ќе се вклучат околу 200 компании и 10 образовни институции. За промовирање на севкупните активности ќе се организираат две меѓународни работилници и една меѓународна конференција. Со цел да се постигне мултидисциплинарен пристап кај одржливото градење, ќе биде иницирана примената на алатки за информациско моделирање на градби на национално ниво.