Во Музејот на современата уметност во Скопје денеска беше отворена изложбата на пристигнатите архитектонски трудови на Конкурсот за изградба на новата Градска болница во населбата Аеродром. Доставените шест идејни решенија на архитектите, вклучувајќи го и победничкиот труд, беа изложени пред претставниците на архитектонската фела. Паралелно со изложбата, во музејот се одржа и јавна дебата за потребата од дисперзија на градските болници на повеќе точки на територијата на Град Скопје.
*Извор на фотографија: Министерство за здравство
Панелисти на дебатата беа министерот за здравство Венко Филипче, директорот на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Иван Спировски и Иван Арсовски, планер – урбанист од Агенцијата за планирање на просторот. Министерот Филипче изјави дека Скопје има потреба од повеќе градски болници, кои ќе имаат болнички и логистички капацитети да прифатат доволен број пациенти со различна дијагноза, од различен карактер и многу често со потреба од итна реакција.
„Скопје е речиси милионски град, распослан по должина на повеќе од 30 километри и има прекумерно густ сообраќај и дневна миграција на повеќе од 100.000 граѓани, па оттука се јавува и потребата од постоење повеќе болници во Скопје“ изјави министерот за здравство Венко Филипче. Средствата за реализација на новата Градска болница кај Мајчин дом треба допрва да се бараат, а министерот е оптимист дека нејзината изградба би започнала кон средината на 2019 година.
Директорот Иван Спировски истакна дека постојната зграда спроти македонското Собрание во центарот на Скопје е стара, а воедно е заштитена и како културно наследство од државата. „Нас ни треба поголем простор поради поголемиот обем на пациенти и хируршки интервенции“ изјави тој. Во постојниот објект во центарот на Скопје се вршат и до 200.000 прегледи и 4.000 операции на пациенти годишно.