Претходна статија
Стопанствениците од Македонија и Косово бараат завршување на автопатот Скопје - Приштина
Следна статија
Велес годинава нема да го добие најавениот нов ГУП

Нов јавен повик за субвенции за купување печки на пелети во Гази Баба

Објавено на 04.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Скопската општина Гази Баба го распиша вториот јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните за набавка на печки на пелети во текот на 2018 година. Жителите од оваа општина ќе имаат рок до 1 ноември за да ги достават своите барања за субвенции, при што доделувањето на средствата ќе се одвива по принципот „прв дојден прв услужен“. Рокот за доставување може да заврши порано, доколку се достават поголем број на барања со кои би се исцрпиле преостанатите планирани средства во висина од 2.781.623 денари. На јавниот повик немаат право да учествуваат граѓаните кои живеат во објект приклучен на централно градско греење, но и домаќинствата кои имаат објект во фаза на градба и не живеат во него.

 

Барањата за субвенционирање на дел од трошоците за купување печки на пелети можат да ги достават оние граѓани што ќе набават вакво грејно тело во периодот од 1 септември до 1 ноември годинава. Општина Гази Баба ќе надомести до 70% од инвестираните трошоци, но не повеќе од 30.000 денари по домаќинство. Јавниот повик се однесува на оние жители од општината што досега се грееле на печки на дрва, јаглен или нафта.

 

Покрај барањето за надоместок, заинтересираните граѓани до Општина Гази Баба ќе треба да достават и фотокопија од важечка лична карта, изјава заверена на нотар дека барателот го нема веќе искористено правото на надомест за купување печка на пелети од друг извор, фотографија од постојната печка на дрва, јаглен или нафта, доказ за извршено купување на новата печка за пелети и фотокопија од трансакциска сметка.