Владата се предомисли околу надоместокот кој ќе се плаќа за легализација на бесправно изградените индивидуални куќи и индустриски објекти. Во новата нацрт-верзија на Предлог законот за постапување со бесправно изградени градби, која беше усвоена на првата владина седница во новата година одржана завчера, фигурира нова тарифа за ваквите видови објекти. Со измените тие ќе можат да се легализираат по цена од едно евро за метар квадратен. Првично беше предвидено надоместокот за нивна легализација да се пресметува врз база на вкупните месечни приходи на лицата кои што живеат во објектот. Цената од едно евро за метар квадратен ќе важи и за социјалните случаи, кои со претходното решение беа ослободени од надоместокот.
Текстот на предлог законот ќе биде доставен во собраниска процедура и се очекува да биде изгласан до март годинава, а потоа во наредните шест месеци заинтересираните граѓани и правни лица кои сакаат да извршат легализација на дивоизградените објекти ќе можат да поднесат барање за таа цел. Плаќањето ќе може да се врши на 12 рати, додека по легализацијата на објектите ќе биде можно и откупување на дворните места доколку се во државна сопственост.
Премиерот Никола Груевски нагласи дека со последните измени на законот, дивоградбите ќе се третираат како кривично дело, поради што не очекува понатаму да се практикува ваквиот вид на градење. Премиерот најави дека се подготвуваат и измени во Законот за градба со кои ќе се упрости процедурата за добивање градежна дозвола. Се работи за пакет на закони кои се во подготовка и се очекува најдоцна до крајот на овој месец да ја поминат владината седница и да бидат доставени до Собранието. Според Груевски тоа ќе значи дека сегашните потребни 21 чекор за вадење на градежна дозвола ќе се сведат на 6-7 чекори, истакнувајќи дека ќе се следат искуствата на Данска која е земја со најдобро законодавство во областа на вадење на градежни дозволи во ЕУ.
Градоначалникот на Скопје и прв човек на ЗЕЛС (Заедница на единиците на локална самоуправа), Коце Трајановски, ги поздрави измените во предлог законот. Од друга страна од ААМ (Асоцијација на архитекти на Македонија) реагираат дека не биле вклучени во подготовката на законот и сметаат дека неговите одредби се премногу сложени и неприменливи. Од ААМ бараат уважување на забелешките на урбанистите, планерите и проектантите.