Вториот квартал од 2018 година донел повисоки трошоци за градежниците при изградбата на нови објекти за индивидуално домување. Како што покажуваат податоците од Државниот завод за статистика, ваквите трошоци во периодот април – јуни 2018 година се зголемиле за 6,4% во однос на истиот период лани. Притоа, трошоците за материјали се повисоки за 4,9%, додека трошоците за вработени пораснале за 10,6%.
Статистичките податоци покажуваат дека трошоците во градежништвото за изградба на нови објекти за индивидуално домување растат константно од почетокот на годинава. Споредено со првиот квартал од 2018 година, вкупните трошоци се повисоки за 3,1%. Притоа, трошоците за материјали во вториот квартал од годинава се повисоки за 1,7%, додека издатоците за вработени се зголемиле за 7%.
Индексите на трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се наменети за преиспитување или мониторирање на трошоците направени од градежните претпријатија при изведбата на вакви објекти низ земјава. Главни корисници на ваквите податоци се македонските градежни претпријатија.