Градежната компанија „Бетон“ од Штип и во првото полугодие од годинава работеше со загуба. Кумулативно од почетокот на 2018 година, регистрирана е загуба во висина од 48.415 илјади денари, се наведува во консолидираниот и неревидиран извештај за штипските фирми „Бетон“ и „Омега“ објавен на веб – страницата на Македонска берза. Оперативните приходи од работењето на оваа компанија изнесувале 114.550 илјади денари и истите се преполовени за повеќе од половина во однос на истиот период од 2017 година.
Во делот на расходите, штипски „Бетон“ во периодот јануари – јуни 2018 година остварил оперативни расходи 148.289 илјади денари. Ваквите негативни резултати од работењето на оваа градежна компанија се надоврзуваат на минатогодишните резултати. Само во периодот јануари – јуни 2017 година, „Бетон“ од Штип остварил загуба од работењето во висина 57.492 илјади денари.