Општина Кавадарци издвои над 14,8 милиони денари за реализација на втората фаза од реконструкцијата и проширувањето на Западниот булевар во градот. Градежниот зафат всушност ќе претставува проширување на влезот во Кавадарци од правец на Росоман, со изведба на четири коловозни ленти и тротоари од двете страни на сообраќајницата. Изведувач на градежните работи е фирмата „Изолација ДОО“ од Скопје.
Проектот ќе се одвива во временски период од 12 месеци. Првата фаза од реконструкцијата и проширувањето на Западниот булевар беше завршена пред две години и истата опфати околу 400 метри од постојната траса. Доведувањето на Западниот булевар до неопходниот капацитет за сообраќаен проток ќе овозможи растоварување на актуелниот метеж на возила во Кавадарци.