Општина Ѓорче Петров денеска објави оглас за избор на проектант што ќе ги подготви идејниот и основниот проект за партерно уредување на просторот околу локалитетот Крст во скопското село Кучково. Површината на границата на проектниот опфат изнесува 22 хектари. Проектантите ќе треба да изработат документација за изведба на чешми, клупи, корпи за отпадоци, канделабри, видиковци, амфитеатри, санитарни јазли, зеленило и придружни објекти во функција на спортски настани.
*Целосно ќе се уреди локалитетот Крст во село Кучково; Фото: Општина Ѓорче Петров.
„Целта на изработката на идејниот и основниот проект за партерно уредување на просторот околу локалитетот Крст кај с. Кучково, општина Ѓорче Петров е да се обезбеди јавен простор со оптимално и мултифункционално решение на просторот со партерно уредување на локалитетот и оплеменување со содржини во функција на одржување на културни, спортски, туристички и забавни настани“ посочуваат општинските власти.
Проектната документација ќе чини над 650.000 денари и е предвидено да се изработи во временски период од 3 месеци. Заинтересираните проектантски бироа имаат рок до 20 август за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка.