Кавадарчани покажаа голем интерес за јавниот повик од општина Кавадарци за субвенционирање на енергетско ефикасни грејни тела. За само еден ден пристигнаа 103 барања за поврат на дел од средствата инвестирани во вакви грејни тела. Предвидените средства се исцрпени со овие барања, па така општина Кавадарци вчера информираше дека јавниот повик завршил. „За комплетноста и исправноста на документацијата на поднесените барања, Комисијата за имплементација на Јавниот повик, до крајот на тековната недела ќе објави список“ информираат од општина Кавадарци.
Локалната самоуправа планира до крајот на 2018 година да објави уште еден повик за надомест на дел од средствата инвестирани во купување на енергетско ефикасни грејни тела. Оние жители на Кавадарци што ги исполниле условите за субвенции и купиле вакво грејно тело (печка на пелети или инвертер клима), ќе имаат можност да повратат до 50% од трошоците, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство.