Четири нови автобуси со погон на метан би се вклучиле во иднина во јавниот градски превоз на Прилеп. ЈП за ПУП има намера наскоро да распише тендерска постапка за набавка на нископодни автобуси со клима уреди и можност за превезување на хендикепирани лица, со минимум 25 седишта и капацитет да примат минимум 36 патници за стоење. Добитникот на тендерот ќе треба да ги достави четирите градски автобуси во рок од 120 до 150 дена по склучувањето на договорот.
*Постојните автобуси во Прилеп треба да се заменат со нови нископодни возила; Фото: Општина Прилеп.
Јавниот градски превоз во Прилеп опстојува повеќе од четири години, но се соочува со сериозни проблеми поради староста на возниот парк. Досегашните пет автобуси постојано се расипуваат и не можат да ги опслужат трите градски линии. Новите автобуси ќе обезбедат редовно одржување на постојните линии, но и ќе овозможат натамошен развој на мрежата на градски и приградски линии. Автобусите на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови само во 2016 година ги користеле дневно по 1.500 патници од Прилеп.