Експропријацијата на земјиштето ја одолговлекува изградбата на пругата кон Бугарија, поточно сегментот Куманово – Бељаковце. Како резултат на административните проблеми со експропријацијата, рокот за завршување се пролонгира за 18 месеци. Од вкупно проектираните 31 километар на овој сегмент, досега целосно се завршени само 8 километри.
„Уште од самиот почеток кога имаше проценка, тој имот беше многу ниско проценет. И нормално, сопствениците на тие градежни парцели не дадоа на суд и целиот процес уште се влечка по судови. Без завршување на процесот на експропријација, не можеме да ги завршиме работите. Ние имаме голем проблем и да ги платиме експропријациите затоа што во буџетот на железници наместо нула три посто од даночните приходи, ние од државата не добиваме ни нула еден посто“ тврди Ирфан Асани, директор на ЈП Македонски железници – инфраструктура.
Тендерот за изградба на втората делница од пругата кон Бугарија, која се протега од Бељаковце до Крива Паланка, е објавен пред четири дена. Тендерот е објавен по втор пат, а првиот пат е поништен поради недостаток на фирми кои ги исполнуваат условите. За овој сегмент се предвидени 145 милиони евра. Третиот сегмент, од Крива Паланка до Деве Баир, иако најкраток, со должина од 24 километри, ќе чини најмногу. Проценките говорат дека за негова изградба ќе бидат потребни 350 до 400 милиони евра.
» Форумска дискусија за железничкиот Коридор 8