Во рамките на одбележувањето на 55 годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, под мотото „Солидарноста се враќа дома“, вчера вечер свечено беше одбележано враќањето на буквите од пораката на Јосип Броз Тито на источната страна на Музејот на град Скопје. Станува збор за пораката која претседателот на СФРЈ ја кажал на 27 јули 1963 година, ден по катастрофалниот земјотрес, и која гласи: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата наша заедница. Тоа ќе стане симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност“.
*Извор на фотографија: Град Скопје
На вчерашната манифестација се обрати и скопскиот градоначалник Петре Шилегов. „Пораката која долго сведочеше за солидарноста што Скопје ја доби од светот и беше препознатлив нераскинлив дел од Музејот од денес повторно се враќа на своето место“ изјави Шилегов. Тој посочи дека Скопје е должно да го негува споменот за искажаната солидарност од целиот свет по земјотресот од 1963 година.