Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта во наредниот период ќе работат на изработка на проектна документација за новиот експресен пат од Струмица до граничниот премин Ново Село. Паралелно со ова, во втората половина од годинава треба да започне рехабилитацијата на постојниот пат од Струмица до македонско – бугарската граница. Новиот пат кон Бугарија ќе овозможи ефикасно поврзување на источниот дел на Македонија со паневропскиот Коридор 4. Во Струмица денеска беше промовиран и рехабилитираниот патен правец Струмица – Берово во должина од 8,2 километри и вкупна инвестиција од 1,6 милиони евра.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и струмичкиот градоначалник Коста Јаневски денеска разговараа за тековните инфраструктурни проекти што се реализираат со поддршка од државата. Покрај изградбата на патната инфраструктура, на средбата беше разговарано за изведбата на фекалните канализациони системи во неколку места од струмичкиот регион и за уредување на речното корито на Водочница.