Претходна статија
Министерството за образование ќе санира седум училишта низ земјава
Следна статија
Градежниците против укинувањето на ДУП-овите во Скопје

Град Скопје ќе организира настани за одбележување на 55-годишнината од скопскиот земјотрес

Објавено на 19.07.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Со дваесетина културни настани на неколку локации, Град Скопје ќе ја одбележи 55 – годишнината од катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Одбележувањето на трагичниот настан ќе започне на 23 јули, со враќањето на буквите од пораката на Јосип Броз Тито на источната страна од Музејот на град Скопје. Овој настан симболично наречен „Солидарноста се враќа дома“ ќе биде проследен со активности во оваа музејска установа. Годинешната изложба на Музејот на град Скопје е посветена на улогата на младинските работни бригади во обновата и изградбата на македонската метропола.

 

 

Манифестацијата „Зборува Скопје“ во четири дена ќе ја обедини ликовната, театарската, филмската и мултимедијалната уметност и граѓански активизам, којшто е концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата. Музејот на град Скопје, Графити галеријата во МКЦ, КИЦ, Музејот на современата уметност и платото пред МКЦ ќе бидат местата на кои ќе се одржат планираните настани. Централниот настан на 25 јули ќе се одржи во Графити галеријата на ГТЦ, каде што авторката Билјана Радиноска ќе се претстави со перформансот „Тивка реконструкција на земјотресот“, а ќе се прикаже и краткометражниот филмски колаж на Дина Дума.

 

Организацијата на жените на град Скопје, 55 – годишнината од земјотресот ќе ја одбележи со поетско читање, а на 26 јули со почеток во 5:17 часот, времето кога се случил земјотресот со аудиоакција на 5 различни локации низ градот, во организација на Група урбани уметнички акции и Центар за современи уметности, ќе ги потсетиме граѓаните на трагичниот настан. Традиционално ќе се одржи и крводарителската акција, а организациониот одбор ќе положи цвеќе пред споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта во Бутел. Здружението за волонтерско работно и едукативно ангажирање акцијаши на територијата на општина Гази Баба ќе организираат работни акции во периодот од 23 до 28 јули.