За изградба и санација на регионалните патишта во општина Гевгелија годинава ќе се инвестираат околу 180 милиони денари. Како што информира гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков, „Македонија пат“ ја започнала изградбата на патот Прдејци – Смоквица, вреден 90 милиони денари. „До крајот на јули и почетокот на август започнува санацијата на патот Миравци – Давидово, во вредност од 10 милиони денари“ изјави градоначалникот Сашо Поцков.
По комплетирање на техничката документација, во втората половина на август ќе започне санацијата на регионалниот пат Гевгелија – Негорци. За реализација на овој инфраструктурен проект се издвоени 80 милиони денари. Сите три регионални правци се очекува да бидат завршени до крајот на 2018 година. Обновата на патната мрежа во Општина Гевгелија ќе се реализира со обезбедените средства од државниот буџет.