По три децении пауза, во Штип ќе се гради нова детска градинка. Центарот за развој на Источниот плански регион, Министерството за труд и социјална политика и Општина Штип со заеднички сили ќе го градат новиот објект со површина од 1.643 метри квадратни. Договорот за изградба на ова здание во вредност од 36,8 милиони денари веќе е потпишан. Идната детска градинка во штипската населба Сењак е предвидено да прими 200 деца. Општина Штип за проектот обезбеди средства од 20,9 милиони денари, додека останатите финансии се обезбедени од Центарот за развој на Источниот плански регион.
Тендерската постапка за изградба на новата детска градинка ќе биде распишана во претстојниот период, при што нејзината изградба е предвидено да отпочне во текот на август или септември годинава. Со новиот објект ќе треба да се реши проблемот со недостиг на доволен број слободни места во штипските градинки, што доведува до формирање на листа на чекање за згрижување на децата.