Претходна статија
Почнува изработката на проект за изградба на тунел под скопското Кале
Следна статија
21,9 милиони денари за довршување на „барокната палата“ на АДСДП

Уставниот суд поништи два урбанистички планa во општина Карпош

Објавено на 13.07.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Уставниот суд ги поништи двата урбанистички планови за населбата Влае 2 и за Кејот на реката Вардар во населбата Карпош 3. И во двата случаи, претходното раководство на општина Карпош не ја запазило постапката за донесување на ДУП-овите во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Поништениот урбанистички план за градска четврт „3 04“ се однесува на просторот помеѓу реката Вардар, улицата „Љубљанска“ и булеварите „Илинден“ и „8-ми Септември“, на кој веќе се градат неколку станбени згради. ДУП за градска четврт „СЗ 19“ го опфаќа потегот помеѓу булеварот „Партизански одреди“, улиците „Ацо Шопов“ и „Војвода Васил Чакаларов“ и реката Вардар.

 

Поништувањето на двата ДУП – а е поради необјавувањето на одлуката за спроведување или за неспроведување на стратегиска оценка за влијание врз животната средина и за влијание врз луѓето. „Објавувањето на одлуката за спроведување, односно неспроведување на стратегиска оценка на веб – страната на општината е дел од законски пропишаната постапка за донесување на детален урбанистички план“ се наведува во една од двете донесени одлуки на Уставниот суд.

 

Овие два урбанистички плана беа донесени на 12 јули 2016 година од претходното раководство на општина Карпош. Граѓанските активисти жестоко реагираа на ваквата одлука на локалната самоуправа, тврдејќи дека во плански оформени населби се дава можност за изградба на нови станбени згради во зелени површини. Најновите одлуки на Уставниот суд доаѓаат само неколку дена по укинувањето на изработениот ДУП за населбата Тафталиџе-1.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk