Центарот за развој на Вардарскиот плански регион денеска го распиша тендерот за избор на изведувач за реконструкција на дел од „Северниот булевар“ во Кавадарци. Една од најзначајните сообраќајници во Кавадарци ќе биде реконструирана на потегот од раскрсницата со „Западен булевар“ до раскрсницата со булеварот Никола Манче. Проектот е проценето дека ќе чини над 10,5 милиони денари, се наведува во објавената тендерска документација. Градежните фирми ќе имаат рок до 31 јули за да ги достават понудите за учество во тендерската постапка.
*Извор на фотографија: Општина Кавадарци
„Северниот булевар“ во Кавадарци е предвидено да се реконструира во рок од 75 дена, односно изведбените работи да се завршат до крајот на тековната градежна сезона. Со зафатот ќе се надмине постојната лоша состојба на оваа сообраќајница. Градежниот зафат предвидува замена на постојниот тампон и поставување нова асфалтна маса. Со реализацијата на зафатот ќе се обезбеди побрз проток на транзитниот сообраќај во Кавадарци, земајќи го во предвид фактот дека „Северниот булевар“ ја има улогата на обиколница на градот.