Музејот на модерна уметност во Њујорк (МоМА) на 15 јули ќе ја отвори изложбата „Кон утопијата на бетонот: Архитектурата во Југославија, 1948-1980“. Исклучително значајниот настан за афирмирање на југословенското архитектонско наследство претставува прва изложба во САД во чест на овој социјалистички период. Изложбата вклучува повеќе од 400 цртежи, макети, фотографии и филмски ленти од локални архиви, семејни колекции и музеи од регионот. На претстојната изложба ќе бидат претставени архитектонските творештва на југословенските архитекти, меѓу кои се вклучени и: Богдан Богдановиќ, Едвард Равникар, Вјенцеслав Рихтер, Милица Штериќ, Јурај Неирхардт и Светлана Кана Радевиќ.
„Од скулптуралниот ентериер на Белата џамија во рурална Босна, до постземјотресната реконструкција на градот Скопје заснована на метаболистичкиот проект на Кензо Танге, до новиот град Нов Белград со неговите експресивни станбени блокови од голем размер, изложбата го истражува уникатниот дијапазон на форми и модели на продукција во југословенската архитектура со нејзиниот препознатлив, а сепак разнолик карактер“ се вели во најавата за претстојната изложба.
Изложбата во њујоршка МоМА ќе биде отворена до 13 јануари 2019 година, а во периодот од јули до ноември 2018 е предвидено да се организираат неколку предавања за посетителите на оваа престижна институција. Настанот е во организација на кустосот Мартино Стиерли, додека кустос гостин е Владимир Кулич.