Точно две години по првичниот обид за нејзината изградба, Општина Пробиштип повторно се обидува да изгради леарница во близина на фабриката за акумулатори во Пробиштип. За овој објект од тешката и загадувачка индустрија е предвидена градежна парцела од 97.366 метри квадратни, од кои дури 48.883 метри квадратни се планирани како површина за градба на објектот. Идентично како и во првиот случај од пред две години, македонската јавност е недоволно информирана за реализацијата на овој објект што може да има влијание врз животната средина во градот.
Во објавените информации од огласот за продажба на земјиштето се наведува дека леарницата ќе се гради во пакет со објекти со други намени на споменатата локација, и тоа лесна индустрија, сервиси и стоваришта (максимум 49%), деловен простор (максимум 10%), здравство и социјална заштита (максимум 5%), парковско и заштитно зеленило (максимум 30%). Градежното земјиште се продава по почетна цена од 61 денари за метар квадратен.
Продажбата на ова градежно земјиште за изградба на леарница ќе се одржи во екот на летните одмори. Пријавите за учество на електронското јавно наддавање се доставуваат до 6 август, додека лицитацијата е закажана за 8 август. Првичната информација за изградба на еден ваков објект од тешката и загадувачка индустрија беше најавена кон крајот на јули 2016 година од претходната владејачка гарнитура.
Фирмата „Кранфилд Фаундри“ тогаш најави дека во објектот ќе инвестира 15 милиони евра и ќе вработи 250 до 300 вработени. Инвестицијата за издигање на леарница во Пробиштип до денешен ден не се реализираше. Тогашниот план за работа на леарницата предвидуваше во индустрискиот процес да се топи отпадно железо и челик во две печки со капацитет од 100.000 тони годишно, на што жестоко се спротивставија граѓанските активисти од Пробиштип и од целата земја.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk