Општина Карпош ќе пристапи кон изработка на нов детален урбанистички план во консултации со стручната јавност и засегнатите граѓани. Ваков е денешниот став на локалната самоуправа од Карпош по донесената одлука на Уставниот суд за укинување на ДУП – от за населбата Тафталиџе – 1. „Во новите детални урбанистички планови ќе бидат запазени сите стандарди и услови за поставување на зеленило и зелени површини, како и за обезбедување на поголема хуманизација на просторот“ соопштуваат од Општина Карпош.
Укинатиот ДУП за Тафталиџе – 1 беше донесен од претходното општинско раководство на 5 јануари 2016 година. Станува збор за просторот помеѓу булевар Партизански одреди, улица Московска, булевар Митрополит Теодосиј Гологанов и булевар 8 Септември. Уставниот суд пресуди дека не била во целост запазена постапката за донесување на деталниот урбанистички план, поаѓајќи од фактот дека не е објавена Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина на начин и постапка пропишани со Законот за животна средина.
Од Општина Карпош посочуваат дека цело време соработувале со Уставниот суд, поднесувајќи конкретни докази за несоодветното донесување на ДУП-от за оваа скопска населба. Општинските власти до уставните судии доставиле извод од општинската веб-страница, со кој се покажува дека не е објавена Одлуката за неспроведување на стратегиска оценка која претходи во постапката при донесување на ДУП-овите.