На 5 јули, во вилата Уранија во Охрид ќе се одржи прослава по повод јубилејот „100 години од раѓањето на Борис Чипан“. На одбележувањето на раѓањето на познатиот македонски архитект со поздравни говори ќе се обратат охридскиот градоначалник Јован Стојановски, деканот на Архитектонскиот факултет при УКИМ Огнен Марина и академикот Газанфер Бајрам од Македонската академија на науките и уметностите. Предавања за творештвото и значајот на архитект Борис Чипан ќе одржат универзитетските професори Михаилчо Токарев, Мартин Гулески и Михајло Волканов.
Вечерната сесија од целодневниот настан ќе опфати отворање на изложба, со почеток од 19:30 часот, на која ќе се обратат охридскиот градоначалник Јован Стојановски, академикот Газанфер Бајрам и директорот на Музејот на град Скопје Фросина Зафировска.
Прославата на јубилејот е во организација на Архитектонскиот факултет при УКИМ, Општина Охрид, Музејот на град Скопје и Македонската академија на науките и уметностите.