Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска беше во посета на Кавадарци, каде што се сретна со тамошниот градоначалник Митко Јанчев. Тие заедно извршија увид во изведбата на проектот „Западен булевар“ во Кавадарци, со којшто се планира доградба на 1.200 метри булеварско решение на влезот од Росоман како продолжение на постојниот булевар од 4 ленти. Градоначалникот Јанчев посочи дека во претстојниот период ќе се изврши реконструкција на „Северниот булевар“ во градот. Тој очекува соработка со државата при реализацијата на значајните проекти за градот.
*Извор на фотографија: Општина Кавадарци
Министерот Сугарески најави дека до 2020 година Кавадарци ќе биде поврзан со магистрален гасовод, при што природниот гас ќе се донесе точно до индустриската зона во градот. Претстојната есен ќе започне со рехабилитација на регионалниот пат Кавадарци – Росоман, како и транзитниот дел на Кавадарци. На наредната седница на владата треба да се усвои информацијата за проектот за подобрување на водоснабдувањето во Кавадарци, финансиран од германската КфВ банка. Веднаш по ова, надлежното министерство и оваа банка ќе го потпишат договорот за да може да се реализира овој проект.