Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев и директорот на ЈП за државни патишта Душко Весковски денеска се сретнаа со повеќе стопанственици што работат во индустриската зона во Момин Поток. Средбата беше искористена за презентирање на актуелните проекти за развој на оваа индустриска зона основана уште во 1964 година.
*Извор на фотографија: Општина Карпош
Како што информираат од општина Карпош, во февруари годинава во оваа индустриска зона било поставено ново улично осветлување во должина од 1.300 метри, со 30 нови дрвени столбови и 40 светилки. ЈП „Водовод и канализација“ инвестира 15 милиони денари во изведба на новата водоводна мрежа во индустриската зона. На крајот од претстојново лето ќе се асфалтираат и дел од сервисните улици и тротоари во зоната.
Градоначалникот Петре Шилегов информираше дека индустриската зона Момин Поток во иднина ќе биде подобро поврзана со останатите делови од Скопје. Градската власт за наредната година планира да го отпочне проектот за продолжување на улицата „Љубљанска“, преку мост на реката Вардар, во правец кон оваа индустриска зона. Постојат планови и за продолжување на булевар „Словенија“ во правец кон Злокуќани.