Ако по утрото денот се познава, Градот Скопје и Балкан енерџи груп во наредните месеци ќе влезат во сериозна битка за контрола врз дистрибутивната топлификациска мрежа во Скопје. Советот на град Скопје на вчерашната седница го основа новото јавно претпријатие „Градски Енергетски Системи АД Скопје“ кое ќе врши снабдување на природен гас и топлинска енергија во главниот град. Градските власти ќе побараат од владата да им ја додели сопственоста на градската топлификациска мрежа. Новото акционерско друштво во август ќе побара лиценца за работа од Регулаторната комисија за енергетика.
„Се создаваат услови за преземање на топловодната мрежа и започнува да се имплементира процесот на гасификација на градот, во кој граѓаните на Скопје во претстојната грејна сезона ќе можат да почнат да ги користат услугите на новото јавно претпријатие“ соопштуваат од Град Скопје. Тие сметаат дека со нивното управување ќе успеат да ги вратат исклучените жители кон дистрибутивната мрежа, но и да овозможат позначајни инвестиции во самата инфраструктура во наредниот период.
И покрај ваквите најави, од Балкан енерџи груп (БЕГ) повторуваат дека ќе продолжат со работа и во наредниот период. Во објавеното соопштение од БЕГ се посочува дека ги поседуваат сите лиценци за производство, диструбиција и снабдување со топлинска енергија во главниот град. Од БЕГ дополнуваат дека ги реализираат предвидените зафати, ремонти и подготовки на системот за грејната сезона 2018/2019 година. Ваквиот став од БЕГ веќе го повторија неколку пати во изминативе месеци.
По актуелниот расплет на настаните, се чини дека македонската влада и Регулаторната комисија за енергетика ќе ја имаат конечната одлука за тоа кој ќе ја управува дистрибутивната топлификациска мрежа во Скопје. Очекуван чекор би бил новото градско акционерско друштво да добие лиценца за дистрибуција на топлинска енергија од регулаторите, но големо прашање е како ќе се однесува БЕГ доколку им се одземе дистрибутивната мрежа. Особено значаен фактор е што токму истото претпријатие е и производител на топлинската енергија, така што било какви спорови меѓу власта и оваа компанија можат да предизвикаат проблеми во претстојниот период.